Настава со физичко присуство во кумановско
Во кумановско речиси во сите училишта наставата почна со физичко присуство. Учениците повторно се вратија во училишните клупи, но воспитно образовниот процес овој пат започна со дезинфекција и мерење на температурата, што е согласно протоколот за заштита од ковид-19. Во основните и средните училишта сместени во градот, но и дел од руралната средина со поголем број ученици, ќе се учи од дома.

По седум месеци се слушна училишното ѕвонче во основното училиште „Браќа Рибар“ во кумановско Табановце. Ова училиштето со четирите подрачни објекти бараше целосна физичка настава, на комисија одлучи во централната зграда како и во училиштата во Горно Којнаре, Четирце и Костурник со физичко присуство да се образуваат учениците од прво до петто одделение, односно 30 дечиња. Oстанатите 65 ученици ќе учат онлајн од дома. Воспитно образовниот процес започна со дезинфекција и мерење на температурата на учениците, што е согласно проколот за заштита од ковид-19.
„Имам разговори со родителите кои даваат поддршка за физичко присуство на учениците во училиштата меѓутоа, ние тука не можеме ништо. Протоколите се такви ќе се обидеме да најдеме начин да се доекипираме за да можеме ако успееме со ново барање да добиеме и една таква можност, јас исто сметам дека на учениците местото им е во училиштето“-истакна Синиша Саздовски, директор на ОУ „Браќа Рибар“ село Табановце.
Родителите на учениците во кумановско Табановце истакнаа дека одобруваат настава со физичко присуство. Велат на децата местото им е во училишните клупи.
„Треба сите учениците да си одат на училиште, тие се секој ден заедно се дружат овде во селото, нема зошто да седат дома“- вели една родителка.
„Треба сите деца да одат на училиште во Швајцарија, Србија одат па треба и нашите да се, одобрувам физичко присуство“- дополнува друга.
Речиси во сите училишта во кумановско наставата ќе се одвива со физичко присуство. Во основните и средните училишта сместени во градот, но и дел од руралната средина со поголем број ученици, ќе се учи од дома. Во Куманово наставата денеска почна за 1.143 првачиња, а според податоците образовниот процес го следат околу 10.000 основци и пет илјади средношколци.
Елена Георгиевска
