Политика

Заев: Нема да се случи уставна криза

01.10.2020 15:03

Како неодговорни и спротивни на интересите на граѓаните, премиерот Заев ги оцени најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека во Собранието нема да гласаат за потврдување на вонредните состојби, што ги потпиша претседателот Пендаровски. Сепак уверува дека тоа не значи оти ќе има било каква криза. Од ВМРО- ДПМНЕ со став, состојбата со Ковид-19 била злоупотребена во предизворни цели. Од партијата велат – се разгледуваат можности и опции за импичмент за шефот на државата...

Не може да биде предизвикана уставна криза поради ставот на ВМРО – ДПМНЕ да гласа против одлуките за вонредна состојба, потпишани од шефот на државата – вели премиерот Зоран Заев. Смета дека опозициската партија се однесува несериозно, бидејќи и тие бараа прогласување на вонредна состојба. За Социјалдемократите, опозицијата се води од евтин политички популизам.

Вонредната состојба беше искористена единствено за личен интерес и за полнење на џебовите на одредени функционери од СДСМ и од Владата, вклучително и Зоран Заев – ја образложуваат одлуката во ВМРО – ДПМНЕ. Граѓаните гледаат дека се изманипулирани и дека вонредна состојба беше само за да завршат парите како непродуктивни трошоци и наместени тендери во нивните џебови – вели опозицијата.

Во ВМРО – ДПМНЕ поради прогласените вонредни состојби размислуваат и за импичмент за претседателот Стево Пендаровски, но конечната одлука ќе ја градат во партиските тела.

 

Миле Ристески