Бесими: Четвртиот пакет ќе ги зголеми дефицитот и задолжувањето

01.10.2020 15:13

Преку банкарскиот сектор ќе се реализира дел од мерките предвидени со четвртиот пакет на поддршка вреден 400 милиони евра, од кои 160 милиони се со директни фискални импликации, најави министерот за финансии Фатмир Бесими...

Преку банкарскиот сектор ќе се реализира дел од мерките предвидени со четвртиот пакет на поддршка вреден 400 милиони евра, од кои 160 милиони се со директни фискални импликации, најави министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата со Македонската банкарска асоцијација. Веќе се работи на кратење на расходите, но дел од пакетот ќе се финансира и преку задолжување.

„Две работи се јасни финансиски.Едната е дека дефицитот ќе се зголеми . Второ е дека ќе се зголеми и јавниот долг,односно државниот долг во овој период, но во мера што ќе значи дека не се загрозени во никој случај фискалната одржливост и финансиската стабилност во нашата економија“, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Според Бесими добро е што во време на ваква криза банкарскиот систем е стабилен и ликвиден ,а процентот на лоши пласмани не е зголемен.Банкарите веќе упатија понуда до физичките лица за ново одложување на кредитните обврски ,а ќе можат да ја користат граѓаните што останале без работа,односно имаат намалена плата или пак зголемени здравствени трошоци.

„Во моментов немаме синтетизирани податоци за бројот на физички лица кои одговараат на оваа понуда ,а исто така и во делот на правните лица истотака каде што акцентот кај повеќето банки беше ставен да бидат поддржани секторите кои што се најмногу погодени од пандемијата: угостителството,хотелиерството,транспортот“, нагласи Маја Стевкова-Штериева, претседател на Македонска банкарска асоцијација.

Бесими најави дека 10 милиони евра ќе бидат префрлени на Развојната банка што ќе се користат за гаранции за кредити што ќе одат преку комерцијалните банки.Платежни картички ќе добијат пензионерите со пензија помала од 15 илјади денари,дел од студентите и пасивните невработени. Банкарите соопштија дека и покрај пандемијата во првото полугодие сите банки и штедилници работеле профитабилно и со добивка,а секторот е стабилен и покрај случувањата со Еуростандард банката.

Свето Николовски