Повик за дигитализација на општините на ФИТР и УНДП
УНДП ги обезбедува средствата за повикот - 4 милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР...

Фондот за иновации и технолошки развој и Програма за развој на Обединетите Нации- УНДП, објавија јавен повик за дигитализација на општините, чија цел се развој на дигитални алатки и решенија за подобри и поквалитетни услуги.
УНДП ги обезбедува средствата за повикот - 4 милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР.
„Во рекордно краток рок со нашиот партнер УНДП изготвивме повик кој е конкретен чекор кон дигитализација на општините. Тоа значи полесен пристап и поквалитетни услуги, но уште поважно ќе придонесе кон зголемена транспарантност во работењето и намалување на корупцијата во јавниот сектор. Истовремено ова е навистина одлична можност домашните компании целосно да се вклучат во активности за подобрување на функционирањето на јавниот сектор од крајнат придобивка граѓаните“, изјави директорот на Фондот, Јован Деспотовски.
Се очекува решенијата да бидат изготвени, но и имплементирани до крајот на годинава. Тие ќе бидат целосно бесплатно достапни и за останатите општини кои ќе изразат подготвеност и желба. Компаниите кои ќе го изготват ќе имаат можност за продажба на решението надвор од границите на државата.
Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан очекува голем интерс за повикот.
„Со јавниот повик кој го објавуваме денес заедно со Фондот, се надеваме дека ќе ја искористиме иновациската моќ на приватниот сектор за да развиеме дигитални алатки кои не само што ќе им помогнат на општините да продолжат ефикасно да работат во ограничувачките услови на пандемијата, туку исто така ќе ги направат јавните услуги попристапни и отпорни на идни кризи“, изјави Сахакиан.
Повикот е отворен е за сите домашни компании, а решенијата треба да придонесат и кон забрзување на економско опоравување од последиците предизвикани од пандемијата на КОВИД 19 на локално ниво и олеснување на почитувањето на мерките за превенција на ширење на вирусот.
