Вкусовите на ориентот

02.10.2020 12:19

Имајќи ја предвид историјата, за нас Македонците турската кујна не е непозната. Нивните специјалитети имаат и мирис и вкус – во вистинска смисла на зборот...

Турската храна, за патниците кои доаѓаат од западната хемисфера е многу специфична затоа што е сосема поинаква, егзотична во однос на онаа што ја имаат во своите земји.

Имајќи ја предвид историјата, за нас Македонците турската кујна не е непозната. Нивните специјалитети имаат и мирис и вкус – во вистинска смисла на зборот.

Во основа, традиционалнта кујна потекнува од централна Азија. Но, низ вековите и влијанијата од запад, од исток, таа добила и медитерански, и ориентален и егзотичен шмек.

Во турската кујна е измешана и традицијата на степскиот народ кој живеел номадски живот. Основата за турските гастрономи е пченицата, односно белото брашно. Но, во нивните рецепти ќе сретнете и хумус и ориз, потоа зеленчук во изобилие, но и месо.

За да се опише турската кујна и при тоа да се опфати сè потребни се стотици редови и илјадници карактери. Затоа во еден ред: Ако одите во Турција не пропуштајте: саган долма, имам бајлади, симит, ѓеврек, мантии, ѓозлеме, сутлијач, баклава, кадаиф, турско кафе, чај... и секако чорбаси. Е, кога сме кај чорбите наш предлог е: езогелин супа (или супа на невестата Езо).

ЕЗОГЕЛИН СУПА

Легендата вели дека црнокосата Езо родум од Газиантеп била толку убава што на нејзината несекојдневна убавина никој не можел да одолее. Патниците кои минувале низ нејзиното село застанувале во домот на Езо, само да си починат и да се напијат чаша вода. Сепак нејзината приказна нема среќен крај. Нејзинот татко ја омажил за еден соселанец. Но, таа љубов кратко траела. Вториот брак ја одвел во Сирија каде што живеела тежок живот. Езо не успеала да ја најде својата среќа, но во родниот крај станала вистинска легенда. Денес, чорбата која го носи нејзиното име е дел од главните јадења. Освен тоа, турците ја сметаат за вистински лек.

Езогелин супа- состојки

  • 2 главици кромид
  • 1 чаша црвена леќа
  • 1 црвена пиперка
  • 1 супена лажица нане
  • 1 супена лажица путер
  • 1 кафена лажица ориз
  • 1 кафена лажица булгур
  • сол, црвен пипер, црн бибер

 

ТУРСКО КАФЕ

Турското кафе е напиток без којшто не може да се замисли денот на Турците, а може да се рече и на балканците. Дури и терминот „kahvalti“ (појадок) во буквален превод значи „по-кафе. Свежо пржено, а потоа мелено во ситен прав, турското кафе најдобро се вари во бакарно ѓезве.

Турското кафе има долга историја и традиција. Не случајно е впишано на листата на нематеријални културни богатства на УНЕСКО. Ритуалот на варење и на служење на турско кафе е чин на пријателство, на гостопримство, но и на умешност. Потенцијалните невести, првиот тест пред новата фамилија го поминуваат токму преку техниката на варење на турско кафе.

Турското кафе се смета за дел од турската култура. Многу поети и писатели го опеале во своите поеми. Впрочем, тоа е дел од секоја свеченост. Консумирањето на овој топол напиток е традиција која датира од времето на Османлиското царство. Во тоа време, Султан Сулејман го увезувал од Јемен. Легендата вели: кога Хурем Султан првпат го вкусила овој, инаку горчлив напиток, побарала од своите слуги да го служат со локум. Така го намалувала горчливот вкус. Оттогаш, останала традиција турското кафе да се служи со локум и со чаша вода.