Обвинителство

Ахмети даде исказ за предметот „Попис“

02.10.2020 14:08

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети даде исказ во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција во врска со предметот „Попис“. На распит требаше да се појави во 10 часот, но самиот побарал тоа да биде порано. Истрагата „Попис“ ја отвори поранешното СЈО, а ја преземе Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција...

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети даде исказ во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за предметот „Попис“. Побарал да биде сослушан два часа порано, со што ги избегна новинарите. Нема официјални информации во која фаза е истрагата. Од обвинителството кратко велат- по предметот се постапува. Истрагата „Попис“ ја отвори поранешното СЈО, а ја презеде Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

„Предметот за кој покажувате интерес е во истражна постапка и по него активно се постапува. Во текот на денешниот ден еден од осомничените беше повикан на распит во Обвинителството и даде своја одбрана. Во моментов Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во интерес на истрагата не може да сподели детали“, велат од Обвинителството.

Случајот се однесува на пропаднатиот попис во 2011 година, организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. СЈО оформи предмет бидејќи утврдиле дека Груевски и Ахмети незадоволни од бројките добиени во првите десет дена од пописот решиле да го прекинат. На 10-ти октомври пописот беше стопиран со поднесување на колективна отставка на Пописната комисија. Според СЈО, со стопирањето на пописот, буџетот бил оштетен за околу 2,8 милиони евра.

Владата најавува нов Закон за попис до крајот на годината. Од Статистика бараат негово брзо донесување, за да има доволно време за подготовка. Власта очекува пописот да биде спроведен во договорениот термин, април 2021-ва, со уверување дека има цврста определба и коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ за спроведување на статистичката операција.

 

Наташа Гркова- Петрушевска