Политика

Заев: Македонскиот јазик и народ се потврдени

02.10.2020 14:33

Гаранциите на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија, тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ, вели премиерот Заев. Изјавата доаѓа откако Софија го оспорува македонскиот јазик. Идната недела шефот на дипломатијата Османи оди во посета на источниот сосед, како претходница на средбата на Заев со неговиот колега Борисов, која треба да се случи најдоцна во почетокот на ноевмри...

Македонскиот јазик и народ се гарантирани во Договорот за добрососедство со Бугарија, вели премиерот Заев откако Софија по Гоце Делчев, бара да се реши и прашањето за јазикот. Премиерот појаснува дека во фокусот е брзо решавање на недоразбирањата со Бугарија. Градењето на добрососедските односи е во интерес на целиот регион.

Во бугарскиот парламент пак помина првата фаза од предлогот на министерот за одбрана Каракачанов, 24-ти мај, денот на сесловенските просветители Кирил и Методија, да биде Ден на бугарската писменост. И шефица на бугарската дипломатијата, Екатерина Захариева го проблематизира македонскиот јазик. Според неа, тој се уште е отворено прашање.

Неспособната дипломатија на свиткана кичма на Зоран Заев е познат феномен и донесува ваков тип на резултати кои што се донесени затоа што од македонска страна не постои национален консензус по основ на основните идентитетски прашања, се огласија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Идната недела шефот на дипломатијата Османи патува во Софија како претходница на средба на Заев со неговиот колега Борисов, која треба да се случи кон крајот на месецов или во почетокот на ноември.

 

Милчо Велески