Економијата ќе продолжи да расте!

13.03.2014 16:08

Инфраструктурните проекти ќе ја раздвижат македонската економија годинава. Растот на индустриското производство во јануари внесе оптимизам. Експертите очекуваат растот годинава да се движи и над 3,5 проценти...

Економијата ќе продолжи да расте, влечена од градежништвото и од индустријата – оцени Народната банка на последната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика. Ако се има предвид дека градежништвото лани регистрираше раст од над 30 проценти, а индустриското производство во првиот месец од годинава, во кој економските активности вообичаено се намалени поради празниците, порасна за цели 6,4 проценти, тогаш е јасно зошто овие податоци внесуваат оптимизам за поголем раст на економијата во 2014-та.

„Имаме рехабилитација на индустриското производство, и веќе можеме да кажеме дека оваа гранка ќе биде една од водечките која ќе треба да ја креира планираната стапка на раст на БДП од 3,7 проценти“, вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

Во Буџетот за годинава се предвидени за 20 насто повеќе пари за капитални инвестиции. Работите на терен почнаа. Паралелно се работи на три автопати и на железницата кон Бугарија.

„Станува збор за проекти кои подиманично ја влечат економијата, создаваат директни и индиректни ефекти за подинамичен раст на македонската економија. Сметам дека во услови на забрзан раст на капиталните инвестиции и на раст во градежништвото, која е најпропулзивна гранка за македонската економија, сметам дека раст од 3 до 3,5 проценти на БДП е остварлив“, изјави Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Народната банка прогнозира дека растот на БДП производ годинава ќе изнесува 3,7 насто, а наредните години ќе се зголеми на 4,4. Македонската Влада пак, оди со проекција од 3,2 процента.

 

Мартин Пушевски