225 нови случаи со Ковид-19, Филипче на консултација со Комисијата за заразни болести
Шест починати, 225 нови случаи со Ковид-19, од кои речиси 100 во Скопје – покажува најновиот извештај на Министерството за здравство. Во изминативе 24 часа се направени околу 1.700 тестови. Оздравеле 96 лица. Од ресорното министерство соопштија дека се одржува консултација на министерот Филипче со членовите на Ккомисијата за заразни болести, каде се анализира актуелната епидемиолошка состојба и зголемениот број на нови случаи со Ковид-19...

Расте бројот на заразени со коронавирус во земјава. Регистрирани се нови 225 случаи, од кои речиси 100 во Скопје. Во изминативе 24 часа се направени околу 1.700 тестови. Починале шест пациенти, тројца од главниот град, по еден од Прилеп, Тетово и од Битола, на возраст од 59 до 83 години. Оздравеле 96 лица. Во моментов, бројот на активни случаи во земјава изнесува 2.450.
Во болниците се хоспитализирани 374 пациенти, позитивни или сомнителни на вирусот. Тројца се на респиратор. Во главниот град, во неколку општини има троцифрена бројка на активни случаи. На врвот е Аеродром, па следуваат Центар, Карпош, Гази Баба.
Од почетокот на епидемијата бројот на заболени од коронавирусот во земјава надмина 18.300. Битката со вирусот ја загубија 749 граѓани, меѓу нив имаше и млади.
Според статистиката досега најмногу заразени во еден ден беа регистрирани на 18-ти јули кога беа потврдени 241 случај.
Андријана Атанасовска
