ДКСК: Констатирана злоупотреба на буџетски пари во поголем број институции
Антикорупциската комисија констатира злоупотреба на државните средства во поголем дел на државни институции, како последица на интерни правилници за користење бизнис картички, репрезентации, службени возила. Антикорупционерите ќе поднесат барање до вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски за пропишување на општи правилници кои ќе важат за сите...

Невозможно е да се пресмета за колку е оштетен државниот буџет, бидејќи државните фунционери произволно, со интерни правилници одредувале суми за репрезентација, за користење на бизнис картичките и службените возила, а злоупотреби се констатирани и во користење на апанажата - велат од ДКСК.
За време на анализираниот период од 2015 до 2018 година, антикорупционерите отворија предмет врз основа на наводи за злоупотреба на службената должност и овластувања, како и за несовесно работење во службата од страна на избрани лица. Антикорупционерите бараат пропишување на општи правилници со кои ќе се регулираат користењето на буџетските ресурси .
ДКСК до надлежните институции ќе достави иницијатива за изменување и дополнување на законската регулатива во врска со правото за користење на апанажа. Илустративно само од Владата и Собранието, 107 функционери користеле апанажа, која државата ја чинело над 1 милион и 800 илјади евра.
Антикорупционерите бараат и да изврши анализа за утврдување на оптималниот број на членови на управните одбори, чиј број доста често се изедначувал и со бројот на службениците во конкретна институција.
Марина Стојанова- Тонева
