Битиќи: 20 милиони евра за компаниите кои инвестираат во период на криза
Од идната недела влегуваат во собраниска процедура мерките на владата од четвртиот пакет за поддршка на економијата и справување на населението со последиците од корона кризата. Прва е мерката „Викенд без ДДВ“ која ќе се реализира од 10 до 12 октомври. Мерките и развојните владини програми за помош на стопанството беа тема на средбата на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и бизнис заедницата во Штип.

Најпогодените дејности од пандемијата и помалите компании ќе добијат поголема помош, опстанокот на секое работно место е битно, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во Штип.
Влева оптимизам што и во тешки услови за стопанисување, во државата има компании кои работат успешно и инвестираат во сопствениот развој. Домашните и странските компании имаат ист третман во законската поткрепа и државната помош, што се покажа како добра одлука на владата, вели Битиќи.
Стопанствениците кои во услови на пад на економијата инвестираат во проширување и модернизирање на капацитетите се надеваат поддршката од владата да продолжи и понатаму.
Вицепремиерот Битиќи се сретна и со претставници од компаниите во регионот, на кои им ги образложи мерките од четвртиот пакет наменет за поддршка на економијата во услови на корона кризата.
Славица Величковска
