Ковид- криза

Угостителите реагираат на новите мерки

05.10.2020 16:21

По викенд- забавите без почитување на протоколите, кои беа повод за воведување нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, угостителите бараат да не се казнуваат сите поради поединечни прекршители. Тврдат дека ограничувањата нема да го решат проблемот со зголемениот број заболени, бидејќи младите ќе бараат алтернативни решенија. Надлежните најавуваат зголемување на ингеренциите на пазарната инспекција и на МВР...

Незадоволство меѓу угостителите по новите владини мерки. Од Сојузот на стопански комори оценуваат дека поради десетина неодговорни сопственици, цената ја плаќа цела фела. Со новите мерки се казнуваат 6.500 угостители со 35.000 вработени, велат од Туристичко- угостителската комора при ССК.

Новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, предупреди независната угостителска комора. Оттаму сметаат дека тоа ќе ги поттикне младите да бараат алтернативни решенија на дружење и забава, па ќе се случуваат масовни собирања на приватни забави, по паркови, без никаква контрола за заштита на личното и јавното здравје.

По викенд- забавите кои во некои локали продолжија и покрај поднесените пријави, надлежните најавуваат дека ќе се работи на зголемување на ингеренциите на пазарниот инспекторат и на полицијата.

По реакцијата на угостителите, Комисијата за заразни болест појасни дека предлозите се донесени поради тоа што епидемиолошките анкети упатуваат дека новозаразените се на возраст од 20 до 40 години, каде трансмисијата на вирусот се случува поради непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави.

 

Марина Стојанова- Тонева