Комисијата препорача, Владата ќе одлучува за отворање на границите
Комисијата за заразни болести на денешниот состанок предложи отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без ПЦР тест. Оценето е дека бројот на увезени случаи со Ковид-19 не е висок. Премиерот Заев најави дека владата ќе решава утре, бидејќи регионот е веќе отворен...
Отворањето на границите без ПЦР тест е регионална иницијатива. Но, граѓаните да патуваат само доколку е неопходно – вели премиерот Зоран Заев. Тој најави дека во вторник и земјава ќе донесе одлука да ги отвори граничните премини со Србија, Косово, Црна Гора и Албанија и посочи дека епидемиолошката состојба е речиси иста во сите земји од регионот.
„На една ваква иницијатива каде Косово, Албанија, Црна Гора се оворени, чекаме одговор од Србија и Бугарија. Ние не сакаме да бидеме изолирани од регионот, ако регинот е отворен и ние треба да бидеме, мала земја сме, поврзани сме со регинот и во делот на споделување на здравствените искуства, но и во делот на економските аспекти. Поприлично сме позитивни кога самите стручни луѓе од Комисијата даваат сугестии. Секако мора да напоменам, да патување без ПЦР тест, но само кога е најнеопходно“, изјави премиерот Заев.
Анализите направени од Комисијата за заразни болести покажале дека нема индикации, односно висок број на импортирани случаи со Ковид-19 од овие земји. Во одлуката упатена до Владата стои дека нема ризик и е безбедно отборањето на граничните премини со соседите. Оттаму додаваат дека во Европската унија сите граници се помиуваат без ПЦР тестирање.
Андријана Атанасовска
