Финансии

Ребалансот усвоен, дефицитот зголемен

05.10.2020 16:47

Ребалансот на буџетот помина на владина седница. Се очекува рекорден минус во државната каса. Дефицитот е проектиран на 8,4 проценти или 920 милиони евра. Расходната страна е зголемена поради мерките кои се преземаат за ублажување на последиците од коронакризата. Целта е да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работни места, да се обезбеди стабилност на социјалните транфери, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими. Проекцијата е дека годинава ќе имаме пад на БДП од 4,4 проценти.

Приходите исти, расходите растат. За над 162,6 милиони евра се зголемува буџетот на државата со новиот, втор по ред ребаланс годинава. Се проектира буџетски дефицит од 8,4 проценти од БДП или нешто над 900 милиони евра. 100 милиони евра ќе се обезбедат од расположливите депозити, 150 милиони преку задолжување на домашниот пазар, а ќе се кратат средства од министерствата и дел од планираните за капитални проекти, појасни министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Пролонгирањето на здравствената криза и на неизвесноста го зголеми негативното влијание врз економските текови, па сега се прогнозира пад на домашната економија за 4,4 проценти. Капиталните расходи за годинава се 18,4 милијарди денари, пониско од првично планираното.

Со ребалансот во вкупните приходи се планирани 196,4 милијарди денари, а вкупните расходи на 253 милијарди денари или повисоки за 4,2 проценти.

 

Дијана Ценевска