Надворешна политика

Бугарски историчари и научници против ставот на владата во Софија

05.10.2020 17:06

Бугарски историчари и научници контра ставовите на тамошната влада. Се противат на меморандумот што земјата го испрати до членките на Европската унија. Но, Софија и натаму е со став дека не е време за меѓувладината конференција. Премиерот Заев, пак, не очекува Бугарија да го попречува стартот на пристапните преговори со Унијата...

Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори контра ставовите на власта. Се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите- членки на Европската унија во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Македонија кон ЕУ. Не се согласуваат Македонија да се претставува како земја што не „се справува со сопственото минато“, а имаат став и дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.

Истакнуваат дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо. Сметаат дека концептите како што се „споделена историја“ и „испреплетена историја“, би можеле да го збогатат меѓусебното разбирање за минатото.

Македонскиот премиер Заев, пак, и покрај остриот бугарски меморандум испратен до Европската унија, со мек тон одговара дека идентитетските прашања за македонскиот јазик и нација се затворена тема и не може да се побијат.

Бугарските власти до земјите- членки на ЕУ испратија меморандум во кој инсистираат во преговарачката рамка за земјава да влезат и добрососедските односи, притоа заканувајќи се дека ќе ја блокираат првата меѓувладина конференција. Тврдат дека македонски јазик не постои, а нацијата е творба на комунистичка Југославија.

Македонските авторитети возвратија- Бугарите со меморандумот го отргнуваат вниманието од сериозните внатрешни проблеми. Шефот на дипломатијата Османи неделава патува во Софија како предходница на средбата Борисов- Заев што треба да се случи кон крајот на месецов или во почетокот на ноември.

 

Миле Ристески