Во регионот ќе се патува без ПЦР-тест

06.10.2020 18:09

Од следниот понеделник ќе биде овозможен непречен влез на странските државјани од регионот, без приложување медицинска потврда за негативен ковид тест, одлучи Владата. И македонските државјани ќе можат слободно да патуваат во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Одлуката следи по координацијата на министерствата за здравство од регионот. На граничниот премин Табановце денеска мирно и без поголем проток на патници.

Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести, граничните премини со Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина од понеделник, 12-ти октомври да се отворат без да се приложува негативен ковид тест. Договорено е овие земји да не бараат негативен тест ниту за нашите државјани кои ќе патуваат таму. Комисијата, предлог одлуката за отворање на границите ја донесе врз основа на анализа според која, во моментов нема висок број на увезени случаи со КОВИД-19.  Епидемиолозите оценија дека нема ризик и безбедно е отворањето на границите.  Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19.

На македонско-српската граница може да се забележи дека денеска е мирно и без поголем проток на патнички и товарни возила. Согласно податоците на ГП Табановце изминативе 24 часа поминале 1.727 македонски државјани, додека странски нешто повеќе 2.430.

Патниците кои што влегуваа во државата истакнаа дека ги радува што од понеделник ќе можат слободно, без задолжителен тест да патуваат во регионот.

„Од Белград, кога влегов во Србија ми бараа тест, нешто дека е поднесена предлог одлука, но не знаев дека веќе е прифатена“- вели една патничка.

„Патуваме од Белград, се беше во ред, овде ни побараа негативен тест, очекувам од понеделник да се овозможи нормално движење“- вели еден патник.

„Доаѓаме од Словенија, нема метеж на границите, се е во ред“- истакна трет патник. 

Македонските граѓани во моментов од земјите во регионот можат да патуваат без тест само во Албанија и Турција. Грција ја продолжи одлуката за забрана за влез до 12 октомври. 

 

Елена Георгиевска