Собрание: Потребна е поголема ефикасност во работењето

06.10.2020 15:56

Каква е ефикасноста на Собранието- на оваа тема ги судрија фактите власта и опозицијата. На денешната седница се доцнеше речиси два часа. Пратениците завршија многу малку работа, за што, според СДСМ, одговорот може да се најде во здравствените протоколи. ВМРО-ДПМНЕ посочи- немаме кворум за работа...

Власта и опозицијата во клинч за досегашната ефикасност на Парламентот. Закажаните седници без исклучок доцнат со почетокот дали поради недоставени материјали или пак поради немање кворум за работа. Наместо почеток, големата купола во која треба пратениците да носат закони- празна. Нов состав на парламентарци кои треба да се уиграат, а секој почеток е тежок, но состојбите ќе се надминат- вели пратеничката Снежана Калевска- Ванчева од СДСМ. Ковидот дополнително наметна протоколи.

Проблемот е кај мнозинството бидејќи тешко обезбедува кворум за работа, возвратија од опозицијата. Дафина Стојановска потенцира дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени за работа, но мнозинството е тоа кое ги кочи процесите и се зависи од нивната, како што вели, несериозност.

И отворањето на 15-та собраниска седница не мина без доцнење и воочување дека парламентот треба да е поефикасен, на што спикерот Џафери бурно реагираше дека стартот на седницата не зависи од него туку од пратениците.

Едно е сигурно, дека во парламентот и власта и опозицијата се согласни оти може да бидат поефикасни, а работите тапкаат во место. Само во понеделникот попладне до Собранието биле доставени над 130 предлог- закони кои чекаат расправа и зелено светло.

 

Миле Ристески