Покрената преткривична постапка за случајот „Актор“

13.03.2014 16:42

Управата за финансиско разузнавање за случајот отворила постапка уште во ноември минатата година. Во соопштението до јавноста се нагласува дека изнесувањето одредени информации и манипулациите за дневно-политички цели и штетат на истрагата...

Јавното обвинителство ги испитува обвинувањата дека грчки државјани подигале милионски суми во име на изведувачот на автопатот Демир Капија-Смоквица. Вчера од Управата за перење пари и спречување тероризам бил доставен извештај за сомнителни трансакции. Поведена е преткривична постапка и се блокирани сметките на две фирми, информира јавниот обвинител Зврлевски. Засега не се откриваат имињата, за, како што вели државниот обвинител, да не се наштети на истрагата.

„Имотот и сметките се блокирани, изречена е времена забрана и Јавното обвинитество интензивно постапува како на согледувањето на самиот кривично-правен настан од аспект на трговските друштва и од аспект на лицата што се вклучени“, изјави јавниот обвинител на Македонија, Марко Зврлевски.

За министерката за внатрешни Јанкулоска, случајот „Актор“ за кој детали објави опозицијата, е политичко мотивирано обвинување во предизборен период.

„Има премногу коинциденции за да може настапот на опозицијата да се оквалификува како случајност. Времето како и секогаш досега ќе покаже кои биле вистинската цел и мотивација на оние кои на ваков начин настапуваат во јавноста“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Управата за финансиско разузнавање за случајот отворила постапка уште во ноември минатата година. Во соопштението до јавноста се нагласува дека изнесувањето одредени информации и манипулациите за дневно-политички цели и штетат на истрагата.

Надлежните институции уверуват дека постапуваат согласно надлежностите и дека за епилогот јавноста ќе биде информирана.

 

Милчо Велевски