Ковид-19: Расте бројот на заболени
Рекордни бројки на новозаразени со коронавирус во Русија. Во едно деноноќие регистрирани над 11 илјади случаи, oд нив околу 4.000 се во Москва. Расте бројот на заболени и во Романија...

Рекордни бројки на новозаразени со коронавирус во Русија. Во едно деноноќие регистрирани над 11 илјади случаи, oд нив околу 4.000 се во Москва. Расте бројот на заболени и во Романија. Властите решија да ги затворат рестораните, спортските сали и базените, но и приватните настани и верските обреди во сите области. Букурешт припаѓа на оваа категорија поради големиот број новозаболени. Во понеделникот регистрирани се рекордни 562 заразени лица. Од почеток на пандемијата во Романија починале над 5.000 луѓе.
„Од локалните власти бараме да спроведат построги ограничувања, вклучувајќи го и карантинот во градовите кадешто има по 3 новозаразени на 1.000 жители“, изјави Реад Арафат, управител на инспекторатот за вонредни состојби на Романија.
И во Шпанија надлежните се загрижени од растот на бројот на заболени со КОВИД – 19. Во еден ден регистрирани се над 2.000 новозаразени. Министерот за здравство вели дека следните неколку недели ќе бидат тешки.
„Периодот ќе биде тежок, посебно за оние територии кадешто пандемијата има поголем процент на позитивни случаии“, изјави Салвадор Ила, министер за здравство на Шпанија.
„Проблемот е што сè уште имаме 254 случаи на 100.000 граѓани, а во некои регионални заедници има стапка од над 400 случаи на 100.000 граѓани“, вели Фернандо Симон, директор на координативниот центар за итни случаи.
Двапати повеќе заразени лица се регистрирани во Словенија, се прошируваат болничките капацитети, се намалува и бројот на гостите во рестораните. Групирањето е намалено на 10 лица. Состојбата се усложнува и во Босна и Херцеговина, во Полска, а нови ограничувања се спроведуваат и во Чешката Република. И Грција е соочена со вториот бран на смртоносниот вирус, со 20 илјади евидентирани пациенти и над 400 смртни случаи.
