Месната индустрија повторно бара увоз на свинско месо без царинска давачка

07.10.2020 10:30

Месната индустрија повторно бара да увезува свинско месо без царинска давачка. Ваквата одлука е со ограничено траење и се однесува само за увоз на сировина наменета за индустријата. Преработувачите сметаат нема да се наруши производството на домашно свинско месо бидејќи се работи за времена мерка, а извозот на месни преработки би се зголемил за 10 проценти…

Домашното производство на свинско месо ги обезбедува само половината од потребите на  нашиот пазарот кои изнесуваат скоро 40.000 тони годишно.

Поголем дел од сежото месо доаѓа од македонските фарми и одгледувалишта, но за целосна искористеност на капацитетите и задоволување на побарувачката  за своите потреби месната индустрија увезува и замрзнато свинско месо.

Поради тоа преработувачите секоја година бараат укинување на царинската давачка за негова набавка од други земји со што производството на трајни и полутрајни преработки од свинско месо ќе се зголеми за околу 3.000 тони, а извозот во странство ќе порасне за околу 10 отсто.

Сепак фармерите сметаат дека се уште има потреба од заштита на домашното производство на свинско месо, особено што секоја сезона има напредок во зголемувањето на бројот на добиточниот фонд и обезбедување на сировина за кланиците и месарниците.

Инаку барањето на бизнисмените од преработувачкиот сектор е веќе доставено до министерството за економија, а последниот збор ќе го има Владата.

Увоз на свинското месо за преработка чини од 23 до 26 милиони евра годишно.

 

Методија Трајков