Политика

Вархеји: Потребни се резултати од реформите за да се зацврсти европската перспектива

07.10.2020 13:12

Потребни се резултати од реформите за да се зацврсти европската перспектива - со оваа порака, еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, допатува во Скопје. Оствари средба со премиерот Заев, се обрати и во Собранието. Најавен е и работен ручек на еврокомесарот Вархеји, со претседателот на државата Пендаровски. За време на престојот во земјава, Вархеји ќе оствари средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски...

Потребни се резултати од реформите за да се зацврсти европската перспектива – со оваа порака, еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји допатува во Скопје. Посочи дека е потребна дополнителна работа во делот на судството, јавното обвинителство, борбата против корупцијата, поголем фокус на подобрувањето на статусот на ромската заедница за да се спречи иселувањето. Тој изрази надеж дека за време на германското претседателство ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција, но повтори дека Северна Македонија и Бугарија треба да ги разрешат недоразбирањата за да може да се усвои преговарачката рамка.

„Во интерес на Бугарија и на С. Македонија е да најдат решение за овие прашања, без да се разјаснат тие недоразбирања ќе биде тешко да се тргне напред. Се надевам ќе успеат да најдат решение“, изјави еврокомесарот Вархеји.

Извештајот за напредокот на земјава е објавен во клучно време кога се очекува преговарачката рамка. Документот дава јасна слика за областите каде има напредок и каде треба дополнителни напори, оцени премиерот Заев.

Во рамките на европскиот економски и инвестициски план, ЕУ ќе поддржи финансирање на проекти во земјава за развој, зелена агенда, гасоводна мрежа, инвестиции во патната и железничката инфраструктура.

Ирина Гелевска