НАГОРНО КАРАБАХ

Пашинјан: Турција се врати да го продолжи геноцидот врз Ерменците

07.10.2020 13:33

Цивилите од Нагорно Карабах преноќија во засолништа по најновата размена на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан. Завојуваните страни и натаму не попуштаат и продолжуваат да си ја префрлаат вината за крвопролевањата во Кавкаскиот регион за кој водат неколкудецениски територијален спор.

Вооружените пресметки меѓу Азербејџан и Ерменија повторно го осветлија ноќното небо над Нагорно Карабах. Владата во Баку тврди дека противникот истрелал проектили кон стратегискиот нафтовод. Во битките за територија, поддршка добиваат од Турција чијшто шеф на дипломатијата беше во посета на Баку. Официјална Анкара ја обвинува Ерменија за воени злосторства, а од меѓународната заедница побара објективен пристап кон спорот. Шефот на турското МНР Чавушоглу им порача - претходните примирја не ја окончаа ерменската окупација на азербејџанската територија.

„Да речеме дека имаме прекин на огнот, но што по тоа? Дали ќе може да им се каже на Ерменците веднаш да се повлечат од азербејџанската територија? Може ли да смисли решение за повлекување? Не може“, изјави Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

Официјален Ереван ги негира обвинувањата. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан тврди дека токму поддршката од Турција за Азербејџан е причина за новите борби во спорниот регион. Предупреди дека доколку биде потребно ќе интервенира и Русија. Ги повика и охрабри младите во поголем број да се вклучат во воените единици.

„Најдобриот одговор на меѓународната заедница кон терористичката операција е да ја признае независноста на Нагорно Карабах. Ова е продолжение на турската политика за геноцид на ерменскиот народ. Тие транспортираа терористи од Блискиот Исток на фронтот и Азербејџан го дзволи тоа“, вели Никол Пашинјан, премиер на Ерменија.

Цивилите се повторно најголема жртва во конфликтот. Стотици се расселени. За голем дел од нив, ова е трета војна. Во претходните веќе загубиле членови на семејствата.

„Мислиме на нашите мажи кои се сега на границите. Сакаме да се смени состојбата за да се вратат дома. Имаше премногу жртви.“

„Не размислувам за куќите. Тие ќе се изградат пак. Сакаме само мажите да се вратат дома. Сакаме мир. Другото е неважно. Во последниве 30 години преживеавме многу. Се навикнавме на сè, ќе преживееме, само да нема војна.“

Во престрелките од крајот на септември загинаа стотици лица. Последната војна заврши во 1994 година. Во неа смртно настрадаа 30 илјади, а беа расселени над еден милион луѓе. Оттогаш  Нагорно Карабах е под контрола на Ерменците кои се мнозинство на територијата од 4,400 квадратни километри која географски е дел од Азербејџан.

 

Маја С. Филдишев