Рекорден број заболени, есенскиот бран донесе и нови мерки
Во домовите по четворица, по 22 часот нема собири или групирања, маските се задолжителни без разлика на просторот. Бројот од 364 заразени и соочувањето со новиот бран на Ковид-19 ги сепна надлежните и препорачаа нови мерки. Нов начин на живот значи нови навики. Да ги почитуваме мерките за заштита и да сфатиме дека веќе се дел од нашето секојдневие, рече министерот Филипче на онлајн- конференцијата...

Нов рекорден број на заболени со коронавирусот. 364 заразени за едно деноноќие, 184 во Скопје. Тројца пациенти починале. Есенскиот бран донесе и нови предлог мерки.
Во еден стан или куќа, домаќините ќе може да имаат најмногу четворица гости. И групирањето на отворено после 22 часот на повеќе од четири лица ќе биде забрането. Носењето маска на отворено ќе биде задолжително, исклучок ќе има само при спортување и во автомобил доколку патниците се од исто семејство.
Инфективните одделенија во повеќе болници низ земјава се веќе исполнети. Нема место за болните со Ковид- 19 во Прилеп, Струмица, Велес, Куманово. Министерот Филипче тврди дека здравствениот систем се реорганизира за да одговори на потребите. Од јули досега, има најголем број на хоспитализирани пациенти, 414 сомнителни и позитивни на вирусот.
Ако граѓаните се придржуваат кон мерките, епидемиолошката слика ќе се подобри уверува Филипче. Вели, носењето маска и забраната за групирање е најважниот дел од заштитата, нагласувајќи - најголем ризик за ширење на вирусот се семејните прослави.
Андријана Атанасовска
