НАТО обезбедува 60 респиратори за земјава
НАТО обезбедува 60 респиратори за земјава за борба со пандемијата. Поздравувајќи ги реформите, генералниот секретар Столтенберг на средбата со премиерот Заев во седиштето во Брисел рече дека безбедносните хибридни закани и покрај пандемијата не исчезнале. Продолжуваме со мировните мисии на Алијансата во светот, рече премиерот...
Северна Македонија ќе продолжи да придонесува за глобалната и регионалната безбедност преку учество во мисиите и зголемување на одбранбениот буџет, постепено, за да постигне два отсто од БДП во следните три години, како и да се зголеми капацитетот на Армијата, нејзините професионални стандарди со сојузниците на НАТО, истакна премиерот Заев на прес- конференцијата со генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг во Брисел. Премиерот најави и дека Владата покренала процедура за ратификација на спогодбите и протоколите поврзани со членството во Алијансата.
Осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија за реформскиот напредок на земјава, Заев истакна дека Владата со нетрпение очекува Европскиот совет да ја усвои преговарачката рамка и првата Меѓувладина конференција да се одржи до крајот на оваа година, под германско претседавање со Унијата.
Генералниот секретар Столтенберг го најави новиот пакет помош на НАТО со медицинска помош од 60 респиратори, вреден 1,4 милиони евра.
Земјава ќе продолжи со испраќањето на македонски мировници во воените мисии на Алијансата, потенцираше премиерот Заев по средбата со Столтенберг во Брисел, кадешто учествуваа и министрите Шеќеринска и Османи.
Марина Стојанова- Тонева
