Пендаровски на Форумот „Глобсек 2020“ во Братислава

08.10.2020 16:32

Економски поттик за Западен Балкан се најавените девет милијарди евра, европски пари за повеќе економски проекти во регионот. Ова го нагласи шефот на македонската држава Пендаровски на безбедносниот форум „Глобсек“ во Братислава. На панелите имаше и еминентни имиња, од Обединетите нации и од европската дипломатија …

На Безбедносниот форум „Глобсек 2020“ што се одржува во Братислава,на попладневните панели се дебатираше за обновата на економијата по глобалната здравствена и економска криза, како и за Европската унија по Ковид кризата. Говорејќи за евроинтегративниот процес на земјата и пристапувањето кон ЕУ претседателот Стево Пендаровски нагласи дека сите се изненадени од содржината на понудениот Економски пакет вреден 9 милијарди евра наменет за шесте земји со 18 милиони жители. Најважно е што поддршката доаѓа во вистинско време, при глобална пандемија и економски криза, појасни Пендаровски.

„Мислам дека овој пат Европската унија, не само Комисијата, навистина се покажа. Морам да кажам дека бевме шокирани да ги видиме новите инвестиции во економскиот пакет. Во тој пакет се зборува за 9 милијарди евра. Повеќето од нив, ако не и сите се грантови. Тоа не се случило никогаш порано. Зборувам од името на обичните граѓани, не само во име на луѓето од мојата земја, туку воопшто за народите на Балканот, кои имаат перцепција за Европската унија како ентитет со кој зборуваме за владеењето на правото, правата на граѓаните, итн. Тоа се само зборови, и ништо конкретно. Сега тие излегуваат со многу конкретен пакет и зошто овој пакет е уште поважен во овој период. Бидејќи се работи за светската неизвесност предизвикана од глобалната пандемија“, изјави претседателот Пендаровски.

Говорејќи за разликите со Бугарија Пендаровски појасни дека станува збор за различни погледи околу историјата за што веќе се разговара и најави дека наскоро премиерот Заев во Софија ќе се сретне со неговиот колега Борисов и ќе се разговара и за оваа тема.

На маргините на Форумот во Братислава претседателот Пендаровски се сретна со Мирослав Лајчак специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан. Како што соопшти претседателскиот кабинет Пендаровски го информирал Лајчак дека земјава е подготвена да ги почне пристапните преговори со Брисел за кои очекува формален почеток за време на германското претседателство. Лајчак нагласил дека Северна Македонија е исклучително позитивен пример во регионот истакнувајќи го многу значајниот напредок во изминатите години. Учествувајќи на панелот за евроинтеграцијата на регионот бугарската шефица на дипломатијата Захариева нагласи дека овој извештај за напредокот бил сосема објективен. Механизмот за пристапување е поедноставен, ЕУ не е совршена како заедница,но се стремиме да бидеме подобри, рече Захариева.

Свето Николовски