Штип: Лекар и болничар заболени од Ковид- 19, прв случај на заразен затвореник
Коронавирусот повторно го зафати медицинскиот персонал во Клиничката болница во Штип. Неврохирург кој работел како дополнителен лекар во инфективното одделение и една болничарка се позитивни, а во изолација се четворица нивни колеги. Позитивен на Ковид- 19 е и еден затвореник во штипскиот затвор, а во изолација се деветмина затвореници и еден вработен во затворот...

Двајца вработени во Клиничка болница- Штип се позитивни на Ковид- 19, четворица се во изолација. Се работи за болничар и за лекар од неврохирургија, кој во инфективното одделение работел како помош на инфектолозите. На ова одделение се лекуваат 40 пациенти од источниот регион. Од тројца инфектолози еден е инфициран, па работата се организира со лекари од другите одделенија.
Директорот Ален Георгиев вели дека болницата се соочува со проблем заради помалиот број на лекари инфектолози кои се преоптоварени со работа, но во моментот ова одделение и болницата во целост функционираат нормално.
Коронавирусот влезе и во штипскиот затвор. Еден затвореник е позитивен, десетмина се во изолација. Од почетокот на пандемијата, петмина вработени во затворот биле инфицирани, но коронавирусот за прв пат се појави кај затвореник.
Штитениците на казнено- поправниот дом се изолирани во посебно адаптирана просторија, извршена е и дополнителна дезинфекција. Во наредните две седмици посетите се забранети, а викенд отсустватата се одложени.
Славица Величковска
