Нова концертна сала во Анкара: Модерна музичка приказна завиена со богата историја
Со концертите на 29 и 30 октомври во Анкара, во чест на Денот на Републиката, свечено ќе биде отворена и претставена во јавноста најновата и најсовремена концертна сала во Република Турција...

Со концертите на 29 и 30 октомври во Анкара, во чест на Денот на Републиката, свечено ќе биде отворена и претставена во јавноста најновата и најсовремена концертна сала во Република Турција. Со концертот на Претседателскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на Џемил Џам Делиорман, пред публиката ќе се претстави светски познатиот сопран Ангела Георгиу во придружба на реномираните пијанисти, браќата Гухер и Сихер Пекинел. Претседателскиот симфониски оркестар за прв пат ќе се појави на сцена пред љубителите на музиката во подновен состав, со нови уметници во своето семејство. Претседателскиот симфониски оркестар е еден од најстарите оркестри во светот, основан во 1826 година, а со својот стручен музички и административен персонал ќе биде домаќин на најпрестижните оркестри и солисти од светот.
Новата концертна сала е дел од музичкиот кампус, лоцирана во срцето на Анкара, меѓу замокот Анкара и Аниткабир и нејзината изградба ја чини државата 83 милиони евра. Новиот музички кампус кој е предвиден да стане двигател на културниот живот во главниот град е составен од „Голема сала“ со капацитет од 2023 места, „Сина сала“ со капацитет од 500 места и „Историска сала на граѓанските организации“ со капацитет од 600 места, вклучувајќи ресторани, музеи и места на отворено.
Претседателскиот симфониски оркестар, еден од најпрестижните светски оркестри
Водечкиот оркестар на Турција, Претседателскиот симфониски оркестар е основан во 1826 година од Џузепе Доницети во година кога Шопен ги започнал часовите по музика од Јозеф Елснер на 16 години и кога Феликс Менделсон имал 17 години, компонирајќи ја музиката за Сонот на Летната Ноќ на Шекспир.
„Салата има прекрасна акустична удобност, со што оркестарот ќе може да се натпреварува со водечките светски оркестри “ – изјави за медиумите уметничкиот директор и прв диригент на Претседателскиот симфониски оркестар, Џемил Џам Делиорман. Салата плени со својот уникатен, модерен, архитектонски и уметнички изглед а за акустичноста на зградата како главен консултант беше ангажиран професорот В. Фасолд во соработка со Институтот за Физика на Згради-Фраунхофер.
