Ги отворивме границите за регионот, но не и регионот за нас
На еден час пред да стапи на сила одлуката дека не е потребен негативен ПЦР тест за влез во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, владата соопшти дека, сепак, оваа одлука нема да важи. Причина е влошената состојбата со Ковид-19. Само за патување во Косово, останува да важи одлуката дека не е потребен тест. Македонски државјани кои не ја прочитале одлуката навреме, заглавија на македонско- српската граница. Тие се вратија од преминот Прешево, бидејќи немаа негативен ковид тест.
Од полноќ државјаните на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово можат непречено да влезат во нашата држава, без да приложат медицинска потврда за негативен ковид тест. И македонските државјани требаше слободно да патуваат во овие земји, но на еден час пред да стапи на сила одлуката, Владата одлучи дека нема да важи, заради влошената состојба со ковид 19. За патувањето во Косово само не е потребен тест, додека за Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина влезот на македонските граѓани е дозволен само со негативен ковид тест кој не е постар од 48 часа.
На македонско српската граница на граничниот премин Табановце денеска е раздвижено, забележителен е проток на патнички и товарни возила. Она што е значајно е што странските државјани слободно преминуваат на овој премин, додека нашите граѓани незадоволни се враќаат од српската граница.
Македонските државјани кои утринава тргнале кон Србија за македонската телевизија раскажаа дека доцна ја дознале владината одлука дека оваа земја, нема да дозволи слободен влез без ковид тест. Србите пак задоволни што слободно можат да влезат во нашата држава.
„Нека изјави вчера во денот да знаеме да не доаѓаме, тргнавме од крајот на Македонија од Пехчево. Што ви бараат? Тест ни бараат а од 12- ти рекоа дека важи без тест и ние тргнавме за Белград, имаме внука сакавме да одиме да ја видиме и не вратија“- вели еден македонски државјанин.
„За Прешево сакав да одам но бараа тест, а тргнав од Скопје. Не знаев дека ќе бидам вратен“- истакна уште еден македонски државјанин.
„Не ми бараа, нема метеж добро е сега ако вака продолжи ќе биде добро“- вели еден српски државјанин.
„Не бараат денес ништо. Нема метеж, неколку возила, нормално поминавме“- вели друг Србин.
Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби. Од таму нагласуваат дека и ќе ја набљудувааат епидемиолошката состојба во регионот и ќе ја разгледуваат новата одлука. Македонските граѓани претходно од земјите во регионот можеа да патуваат без тест само во Албанија и Турција.
Елена Георгиевска
