Заев на средба со претставници на ЕБОР, се интензивираат проектите за економски развој

13.10.2020 12:11

Премиерот Зоран Заев денеска имаше работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), регионалната директорка за Западен Балкан, Жужана Харгитаи и директорот на канцеларијата во Скопје, Анди Аранитаси...

Премиерот Зоран Заев денеска имаше работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), регионалната директорка за Западен Балкан, Жужана Харгитаи и директорот на канцеларијата во Скопје, Анди Аранитаси.

Како што соопштија од владината прес- служба, на средбата, од двете страни беше изразено задоволство од позитивната соработка помеѓу Северна Македонија и ЕБОР и беше изразена јасна волја за продолжување на истата со воспоставената динамика, со акцент на имплементација и реализација на тековните проекти, кои обезбедуваат развој на економијата и го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.

„Продолжува поддршката за реализација на проекти во транспортниот сектор, односно патната и железничката инфраструктура, во делот на енергетската инфраструктура, гасификацијата, проекти за почитување на стандардите за заштита на животната средина и поддршка на малите и средни претпријатија во земјата“, соопштуваат од Владата.

Изразена е подготвеност за интензивирање на соработката во насока на унапредување на поврзаноста на регионално ниво,  со соседните земји, со цел подобрување на економскиот раст и покрај здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19.

На денешната работна средба, велат од Владата, беше поздравено објавувањето на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, од страна на Европската Унија и беше оценето дека регионалниот развој и соработката меѓу земјите ќе придонесе за подобрување на условите за инвестирање и отворање нови работни места.