Фудбал, Лига на шампионите, осминафинални реванши

Барселона и ПСЖ очекувано во четвртфиналето

13.03.2014 17:26

Барселона и Пари Сен-Жермен, покрај Баерн и Атлетико Мадрид, ја формираа првата половина од четвртфиналниот состав во фудбалската Лига на шампионите.

Таквиот расплет го најавија уште гостинските победи во првите средби, па на Манчестер Сити и на Баер Леверкузен им преостанаа само убавите желби за во синоќешните реванши.

На „Камп ноу“ се повтори приказната од Манчестер. Не само преку имињата на двајцата стрелци на Барселона, туку и по тоа што Сити пак остана со фудбалер помалку, а повторно најслаби актери на теренот беа судиите. Французинот Ланој не досуди чист пенал за Барса, а не и призна и регуларен гол во првото полувреме, по што англискиот тим долго беше во игра за погодок со којшто ќе внесеше неизвесна завршница. Сепак, шансите не ги искористи, а откако неколку пропушти и домашниот тим, се разбуди Меси и по неколкуте киксови на Лескот, точно на средина од вториот дел ги згасна надежите на „граѓаните“. Набргу потоа и тие не добија пенал по стартот на Пике над Џеко, по што поради приговор беше исклучен Забалета.  Непосредно пред крајот Сити успеа да изедначи преку Компани, но нерешениот резултат го задржа само минута, додека Алвеш не го постигна голот за 2-1 и за вкупни 4-1 во осминафиналниот двомеч.

Растоварен по дебаклот од 4-0 во Германија, Баер Леверкузен без императиви истрча на „Паркот на принцовите“, давајќи му достоинствен отпор на Пари Сен-Жермен. Дури и рано поведе преку Сем, иако „светците“ брзо израмнија преку Маркињош. Во првото полувреме Сиригу му одбрани пенал на Ролфес, а набргу по одморот Лавеци беше стрелец за конечните 2-1. Скапиот тим на ПСЖ чекори кон висок дострел во шампионската лига.

Наредната недела ќе бидат промовирани и последните четири четвртфиналисти, по реваншите Челзи-Галатасарај, Реал-Шалке, Манчестер Јунајтед-Олимпијакос и Борусија Дортмунд-Зенит.