Ана Фенингер победничка во Светскиот Куп
Австријката Aна Фенингер е освојувачка на големиот кристален глобус во Светскиот Куп во алпско скијање.

Таа беше во игра и за малиот супервелеслаломски глобус, но на завршниот фестивал во швајцарски Ленцерхајде денеска заврши втора и го загуби директниот двобој со Швајцарката Лара Гут. За седмата победа сезонава Гут беше за 61 стотинка побрза од Фенингер и за 95 стотинки од Словенката Тина Мазе, со што триумфираше во оваа дисциплина.
Фенингер сепак нема причини да жали, бидејќи ја исполни поголемата цел и го заслужи најзначајниот трофеј. Уште денеска го прославува вкупниот триумф во Светскиот Куп, бидејќи пред двете последни трки во техничките дисциплини има 91 бод повеќе од Марија Хефл-Риш. Германката беше водечка речиси цела сезона, но се повреди на вчерашниот спуст и нема да може да се бори за уште еден пехар во пребогатата колекција.
До недела во Ленцерхајде треба да се реши само уште победничката во велеслалом.. Кандидатки се Фенингер и најдобрата досега, Швеѓанката Џесика Линдел-Викерби.
