Комисиска расправа за ребалансот на буџетот

15.10.2020 11:20

Предлог-ребалансот на Буџетот е на дневен ред во матичната Комисија за финансирање и буџет, каде расправата, согласно со собранискиот Деловник трае 10 работни дена. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија 170 амандмани.

Во Собранието од денеска почнува расправата по ребалансот на Буџетот за 2020 година, кој е втор годинава, заради справување со последиците од коронакризата. Предлог-ребалансот на Буџетот е на дневен ред во матичната Комисија за финансирање и буџет, каде расправата, согласно со собранискиот Деловник трае 10 работни дена. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија 170 амандмани.

Приходите со новиот ребаланс се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс и потребен за финансирање на мерките.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари и се на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6 отсто и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари. Придонесите од социјално осигурување како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,6 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година. Останатите приходи – неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,2 отсто, односно за 10,1 милијарди денари повеќе. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП.

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува брзо усвојување од страна на Парламентот за што побрзо започнување со четвртиот сет мерки за помош на граѓаните, компаниите и целата економија.