Кикс на Свиндал, Хиршер пред хет-трик
Австриецот Марсел Хиршер многу веројатно ќе ги следи стапките на Ана Фенингер. Норвежанецот Аксел-Лунд Свиндал киксираше во последниот супервелеслалом во Ленцерхајде и му овозможи на Хиршер до крајот на неделава одново да го освои врвот.

Свиндал го освои малиот супервелеслаломски глобус, но тоа ќе му биде мала утеха бидејќи може да се смета дека уште денеска ја загуби трката со Хиршер за вкупен триумф во Светскиот Куп. Несфатливо, но последната суперџи трка во којашто бодови освојуваат најдобрите 15, тој ја заврши 16-ти, без ниту еден бод, иако рефлектираше на стотка. Свиндал имаше доволна залиха за никој да не го симне од врвот во оваа дисциплина, но затоа пак пред завршните две трки сезонава, велеслаломот и слаломот, на врвот на генералниот пласман сега има само 19 бода повеќе од Хиршер. Австриецот е специјалист за техничките дисциплини и е со многу реални шанси в сабота и в недела да се пробие на врвот, а со тоа и трета година по ред да го освои големиот кристален глобус. Колку Норвежанецот е незадоволен од себе на завршниот фестивал во ленцерхајде и колку самиот смета дека нема веќе изгледи, говори и тоа што најави дека ќе настапи само во велеслалом.
Незаслужено, под сенка на сета оваа драма со Свиндал денеска падна изненадувачкиот триумф на Французинот Алексис Пантуро. Младиот скијач којшто главно бележи успеси во техничките дисциплини, досега имаше само два суперџи пласмана на пиедесталот. Оставајќи ги зад себе сонародникот Томас Мермијо-Блонден и Американецот Боди Милер, Пантуро изби трет во генералниот поредок со 172 бода помалку од Свиндал и со 153 помалку од Хиршер.
Математички, тоа значи дека се уште има и теоретски можности за севкупен триумф во Светскиот Куп !?
