Филипче: Комисијата за заразни болести ќе дискутира дали се потребни дополнителни рестрикции

15.10.2020 20:33

На утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали се потребни дополнителни рестрикции од тие коишто се сега на сила, изјави вечерва министерот за здравство, Венко Филипче...

На утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали се потребни дополнителни рестрикции од тие коишто се сега на сила, изјави вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.

„Тоа би вклучувало рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании итн, секаде каде што сметаме дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. Сето тоа ќе го дискутираме на утрешниот состанок“, потенцираше Филипче.

Министерот Филипче посочи дека во овој момент е сѐ уште рано да стапи на сила мерката за воведување полициски час, но во даден момент може да биде предложена.

„Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број на приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле исто така е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции“, изјави Филипче.

Во контекст на високите бројки на новозаразени, министерот Филипче смета дека доколку се почитуваа мерките за заштита немаше да дојде до вакво зголемување на бројот на позитивни со ковид-19.

„Ние живееме со вирусот, така и цела Европа. Доколку се почитуваа мерките немаше да има ваков скок на новозаразени. Свесни сме дека ако тие мерки не се почитуваат, треба дополнителни рестрикции“, рече министерот Филипче.