Нови мерки против Ковид-19: Работно време до 23 часот и целосна забрана за настани
Целосна забрана за организирање на настани, скратување на работното време на сите економски субјекти до 23 часот и капацитетот во јавниот превоз да биде исполнет до 50 отсто, се новите предлог- мерки кои биле донесени на денешниот утрински состанок со Комисијата за заразни болести...

Целосна забрана за организирање на настани, скратување на работното време на сите економски субјекти до 23 часот и капацитетот во јавниот превоз да биде исполнет до 50 отсто, се новите предлог- мерки кои биле донесени на денешниот утрински состанок со Комисијата за заразни болести.
Министерот за здравство, Венко Филипче нагласи дека согласно важечките уредби со законска сила, потребно е да се направат законски измени за претходните мерки. Додаде дека законот е веќе во собраниска процедура и очекуваат следната недела да се изгласа во однос на предложениот пакет мерки како задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање по 22 часот и забраната за домашни посети, со цел како што рече, инспекторите и Министерството за внатрешни работи да можат да постапуваат во однос на контрола и преземање санкции.
Во однос на капацитетите на болниците, Филипче истакна дека целосно е подготвена модуларната болница, таму сѐ уште нема примено пациенти, но веќе се пристигнати лекарите и медицинските сестри од другите клиники.
Во однос на бројките на новозаразени, министерот за здравство напомена дека кај нас, но и во регионот и во Европа се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи, што, како што посочи, е нешто што се очекувало согласно есенскиот бран.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџоски, уште еднаш ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките со цел да не се оптовари здравствениот систем.
Не можат ни 500 доктори, ни 500 медицински сестри да помогнат. Не можеме да измислуваме нови епидемиолози. Дајте една мерка која сите можеме да ја спроведеме. Не по 200,300, туку можеме да одиме и до 1.000 случаи на ден. Предлогот наш ќе биде да се спречи секакво групирање, рече Караџоски.
Тој потенцираше дека свадбите се забранети и дека никој не дал согласност за истите да се организираат, но додава дека на социјалните мрежи се гледаат како по четири лица седат на маса, добиваат сметка и на крај тоа испаѓа дека е свадба. Апелираше да се почитуваат мерките.
