Македонското земјоделство со умерен напредок

16.10.2020 14:00

Северна Mакедонија е умерено подготвена за преговори со Eвропската унија во областа на земјоделството. Напредок е забележан во спроведувањето на ИПАРД 2 програмата и во некои други области, но сѐ уште има слабости во интегрираната административна контрола. Европската комисија во извештајот како забелешка ја има наведено и потребата од доекипирање на платежната агенција.

Северна Македонија останува умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој. Постигнат е добар напредок, во имплементацијата на ИПАРД 2, мрежата на податоци за сметководство на фармите, интегрираниот систем на административната контрола и консолидацијата на земјиштето и земјоделските задруги.

Но директните плаќања и натаму се врзани исклучиво за производството, а многу помалку за примената на добрите производни практики, оценува Европската комисија во најновиот  Годишен извештај за земјава.

Комисијата смета дека Платежната агенција треба да се доекипира и да ги зајакне капацитетите, а недостиг на кадар има и во јавната советодавна служба.

Бидејќи не беа спроведени сите препораки за 2019 година, Македонија треба да се фокусира на донесување на стратегиски одлуки за раздвојување на субвенциите, на зајакнување на улогата и капацитетот на Платежната агенција и контролата во искористувањето на ИПАРД 2 средствата. Треба да се работи и на усогласување со Еевропското законодавството во делот на заедничката организација на пазарот, стои во Извештајот.

Според  извештајот, земјата има добро ниво на подготовка и во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика, особено во делот на контролата врз болестите кај животните.

 

Методија Трајков