Дали Охрид го губи автентичниот лик на стариот дел на градот?

16.10.2020 14:35

Дали Охрид го губи автентичниот лик на стариот дел на градот по кој е препознатлив во светот. Проектите за куќите биле и се добри, но малку кој целосно ги почитува. Во изминативе децении самоволно се менуваше катноста, изгледот на фасадите, а дури никнаа потпокриви кои не се карактеристични за старата охридска архитектура. Состојбата е слична и во современиот дел на градот. Направени огромни пропусти за кои барем засега никој не понел одговорност.

Нашата основна концепција беше да се сочува старото градско јадро на Охрид. Покрај заштитата на спомениците на културата целта беше да се задржи и автентичната охридска архитектура карактеристична за 18-тиот и 19-тиот век, а новите куќи да се градат во истиот стил. Имавме надеж дека овој наш концепт ќе опстане но времето не демантира и во изминатите три децении се чини дека се премина во кич и се правеше нешто што не е карактеристично за овој древен град. Ова е ставот на еден од најзначајните архитекти во современата историја на Охрид, Димитар Зарчев, кој причините за ваквите состојби ги гледа во непочитувањето на законите.

„Се деградира во смисол на самоволни измени. Проектите беа во ред , ги правевме како што треба да биде, меѓутоа самоволијата никој не ги казнуваше. Самоволна измена дали на фасада, дали на надградба, дали на доградба, дали на материјали итн“, изјави Димитар Зарчев-архитект.

Слична е состојбата и во современиот дел на градот. Како пример може да послужи тоа што повеќето згради според проектите требаа да имаат подземни гаражи, а при градбата тие исчезнале. Тоа е и главната причина за сообраќајниот хаос во центарот на градот.

„Сега се отстапува многу , се менуваат градежни линии и што е најчудно за секоја работа има аргумент. На пример најчестиот е-ова е издадено од претходната власт да речам локална. Не е важно кога е издадено , ист бил законот и тогаш и сега. Ние имаме отповеќе закони за градба и за изградба“, вели Зарчев.

Урбанизацијата не подразбира само нешто да се гради, туку и ништо да не се гради, вели Зарчев. Кога бројот на населението опаѓа зачудувачки е да никнуваат нови стамбени комплекси без разлика колкава е побарувачката. Тој се спротивставува на сегашната градежна експанзија и посочува дека е прашање на време кога Охрид ќе наликува на мртов град, бидеќи голем број од населбите 10 месеци во годината ќе бидат празни и обвиени во мрак.

 

Сашо Нелоски