Здравство

Нови рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19

16.10.2020 14:52

Комисијата за заразни болести предлага ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз и целосна забрана за секакви настани по 23 часот. Ако не се почитуваат мерките, претседателот на комисијата Караџовски, предупредува - бројките дневно ќе растат и над 500-ни новозаразени...

Епидемиолозите предупредуваат - со непочитувањето на мерките бројот на новозаразени може да расте и до 1.000 случаи дневно. Засега не се размислува за воведување полициски час, но доколку новите мерки не дадат резултат и тоа е опција.  Претседателот на Комисијата за заразни болести вели - есенскиот бран дошол порано, за тоа придонеле концертите и забавите каде не се носеле маски и немало физичка дистанца.

Крај на работното време во 23 часот за сите економски оператори, преполовување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз и забрана за секакви настани - предлага Комисијата за заразни болести по рекорниот број од над 500 заразени со коронавирус во еден ден. Овие рестриктивни мерки до Владата ќе бидат доставени в понеделник.

Здравствените власти се надеваат дека следната недела во Собранието ќе биде изгласан законскиот пакет мерки кој пред една недела го предложи Комисијата за заразени болести.

Со измените, носењето маска на отворено ќе стане задолжително, ќе се забранат големи семејни собири и прослави во домашни услови и групирање на повеќе од четири лица на отворено после 22 часот.

Андријана Атанасовска