Евроинтеграција

Поддршка од Словенија за старт на преговорите до крајот на годината

19.10.2020 12:40

Министерот за надворешни работи Османи во Љубљана на средби со словенечкиот државен врв. Целта е реафирмација на поддршката на Словенија за преговарачката рамка со ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство со Унијата. Од Љубљана, безрезервна евроинтеграциска поддршка...

Со право очекуваме завршување на Преговарачката рамка и одржување на Меѓувладината конференција за време на германското претседавање со Европската унија, со што и формално ќе ги почнеме пристапните преговори до крајот на годинава. Добив уверување дека ја имаме целосната поддршка на Словенија, изјави шефот на дипломатијата Османи при посетата во Љубљана. Смета дека ќе се надминат недоразбирањата со соседна Бугарија.

Добросеоседските односи претставуваат многу важен сегмент на европската политика, за што искуствата на Словенија ни се од повеќе добредојдени.Го информирав мојот колега за последната посета на Софија и работата на мешовитата експертска комисија за историски прашања со Бугарија, како наш автентичен придонес за создавање на пријателско надминување на разликите. Верувам по примерот на другите земји што пристапија во Унијата во последните децении, како што е впрочем и Словенија, со позитивен пристап и отвореност ќе ги надминеме предизвиците и со нашите пријатели од Бугарија и нема да дозволиме да биде загрозена европската перспектива на регионот“, изјави шефот на дипломатијата Османи.

Словенија повторила дека земјава ја има целосната поддршка за евроинтеграцијата.

Словенија дава силна поддршка на евро-атланските интеграции на Северна Македонија. Организирањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годината ќе претставува единствен логичен исход и вреднување на сите реформски напори на Владата на Северна Македонија и на нејзината конструктивна политика во односите со соседите“, изјави Анже Логарминистер за надворешни работи на Словенија.

Посетата на Словенија е дел од дипломатските напори за обезбедување поддршка за следниот чекор во евроинтегративниот процес за усвојување на преговарачката рамка за преговори со ЕУ во ноември и одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава.

Ирина Гелевска