Над 40 милиони лица заразени со Ковид-19 во светот

19.10.2020 12:46

На глобално ниво со Ковид-19 се заразиле над 40 милиони лица. САД, Индија и Бразил повторно на врвот на листата со најпогодени земји. Рекордни бројки во едно деноноќие евидентирани и во Италија, Холандија, Германија, и Кипар. СЗО предупреди – стапката на смртност може драстично да се зголеми пред да биде пуштена во употреба вистинската вакцина за Ковид-19.

Поради влошената епидемиолошка состојба со Ковид-19, Словенија прогласи епидемија на целата територија во период од 30 дена. Активиран е националниот план за заштита и спасување, а засега ќе се применуваат истите мерки со можност за нивно проширување.  Слична состојба и во Црна Гора чиишто власти одлучија да ги затворат угостителските објекти во уште пет општини. Се воведува и полициски час. Се заоструваат мерките и во другите европски земји.

Политичарите мора да смислат нешто за да ни дадат поддршка бидејќи ваквите локали имаат огромни трошоци. Само за да го отвориш ти требаат многу пари. За нас следува тежок период“, вели Кристијан Шнел, Менаџер на бар во Хамбург, Германија.

Познавам многумина што не можат да продолжат вака. Пролеавме многу солзи овде, некои уште плачат. Наскоро тоа ќе се смени, колегите нема да можат да издржат уште долго“, изјави Марен Дикерсменаџер на угостителски локал во Хамбург, Германија.

Активирањето на новите рестрикции во Чешка резултираше со насилни протести во Прага. Немири имаше и во Словачка. Во Полска, Националниот стадион во Варшава се пренаменува за пациенти поради исполнетиот капацитет на здравствените установи.

Привремената болница е заслуга на министерот за здравство кој е одговорен за координирањето на активностите. Планирани се 500 кревети со можност за терапија со кислород за да им се обезбеди третманот на оние што ќе бидат хоспитализирани“, изјави Пјотр Мулер, портпарол на Владата на Полска.

Европа опфаќа 17% од вкупниот број инфицирани, и 22% од жртвите од новиот коронавирус. На Стариот Континент секојдневно се инфицираат над 150.000 лица. Досега битката ја загубиле повеќе од 250.000.

САД, коишто се исто така на врвот на листата со најмногу заболени и починати, најавуваат помош на своите граѓани од 1.200 долари. Претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот Ненси Пелоси и министерот за финансии Стивен Манучин деновиве дискутираат за нов пакет финансиска помош и делумна поддршка за невработените. Доколку договорот меѓу демократите и администрацијата на Вашингтон не биде постигнат во наредните 48 часа поради противењето на дел од републиканските сенатори, ќе се чека финализирањето на изборите на трети ноември.

Оптимист сум, постојано се навраќаме на оваа тема. Зависи од администрацијата. Поентата е што мораме да го запреме ширењето на вирусот“, вели Ненси  Пелоси, претседателка на Претставничкиот дом на Конгресот.

Јас сакам уште поголем финансиски пакет од оној на Пелоси. Ова не значи дека републиканците се согласуваат со мене, но на крајот, тие ќе прифатат“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Светската здравствена организација предупреди – стапката на смртност може драстично да се зголеми пред да биде пуштена во употреба вистинската вакцина за Ковид-19. Експертите и натаму препорачуваат да се носат маски, да се одржува физичкото растојание и да се избегнува групирање и на отворен и во затворен простор.

 

Маја С. Филдишев