Шахпаска: Засега не се размислува за затворање на градинките
Засега епидемиолошката состојба не налага да се размислува за затворање на градинките, вели министерката Шахпаска. Децата и вработените што беа во изолација се враќаат во установите. Во Општина Гази Баба, нема заразени деца и негователки...

Бројот на заболени деца и вработени во градинките во последните две недели се зголемува, но генерално нивната здравствена состојба е добра. Од стартот на отворањето на градинките досега има вкупно 18 деца и 55 вработени позитивни на Ковид-19, информираше денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Во периодот од 6 до 19 октомври регистрирани се шест дечиња и 21 вработен позитивени на вирусот. Во моментот, во изолација се вкупно 309 дечиња и околу 50-тина вработени.
Министерката Шахпаска вели состојбата се следи и ќе се носат одлуки во консултација и соработка со здравствените и локалните власти.
