Пендаровски: Македонскиот јазик е ноторен факт, научните аргументи и вистината се на наша страна

19.10.2020 14:09

Македонскиот јазик има своја историја, сегашност и иднина – став на лингвистите. Научните аргументи и вистината се на наша страна, вели претседателот Пендаровски. Во Институтот „Крсте Мисирков“, одбележување на 75 години од официјализирањето на современиот јазик …

Политичките кругови на некои наши соседи ја негираат засебноста на македонскиот јазик, додека лингвистичката заедница одамна го признава, оценува шефот на државата Пендаровски, во почетокот на отворените денови на Институтот „Крсте Мисирков“. И натаму треба да го докажуваме ноторниот факт за неговото постоење и по 75 години од стандардизацијата, продолжи претседателот и дополни-аргументите и вистината, сепак се на наша страна.

„Научните аргументи и вистината се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже. Заради нашите предци, поради нас самите, заради обврската да ја зачуваме нашата духовна татковина“, нагласи претседателот Пендаровски.

Додека има Македонци, ќе постои и македонскиот јазик, од нас зависи како ќе го негуваме и чуваме, став на лингвистите.

Институтот „Крсте Мисирков“ е првата научна институција во која се проучува македонскиот јазик на современ историски дијалектен и ономастички план.

Сè додека активно се говори на македонски јазик, тој не е загрозен, велат поискусните лингвисти. Побарана е и континуирана дигитализација на трудовите на македонски јазик.

Александра Спировска