Состојбата во градинките стабилна
Минатата недела уште шест дечиња и 21 вработен во градинките позитивни на Ковид-19. Од отворањето на установите, регистрирани 18 позитивни деца и 55 вработени. Во изолација се 309 дечиња. Коронавирусот влезе и во прилепски градинки, во изолација се 35 деца. Во Општина Гази Баба, нема заразени деца и негователки...

Стабилна е состојбата во градинките, уверува ресорната министерка Шахпаска. Посочува дека досега од отворањето на градинките од коронавирус сепак заболеле 18 деца и 55 вработени. Само во последниве две недели бројот на заболени во градинките се зголемува, во овој месец има шест нови заразени деца и 21 вработен.
Шахпаска вели дека се следи епидемиолошката состојба и врз основа на тоа се носат одлуките за затворање на претшколските установи. По посетата на градинка во Гази Баба, информира дека во оваа општина нема заболено ниту едно дете.
Позитивни на корона вирус се забележани и во градинки во Прилеп. Затворена е најмалата детска установа кај Работничкиот универзитет. 20-на деца се во изолација. Позитивни на корона вирусот се и две негувателки.
На корона вирус позитивна е и една воспитувачка од градинката „Аличаир“ во Прилеп каде во самоизолација се 15 деца.
Дијана Ценевска
