Општина Аеродром со најмногу активни случаи
Општина Аеродром е на врвот на листата од скопските општини со најмногу активни случаи. Камерата на МТВ забележа дека најголем дел од луѓето носат маски, но некои и не веруваат дека болеста постои. Дел од нив сметаат дека карантинот не е решение...

Есенско разубавување во скопски Аеродром. Но, она што воопшто не е убаво се бројките, над 500 активни случаи со коронавирус. Поради ова, малата Елена носи маска. Нејзиниот дедо Јовица Анчевски е загрижен од несериозниот однос на граѓаните кон корона- пандемијата. Вели, и после толку болни и починати, луѓето уште се неодговорни.
Со Анчевски се согласува и скопјанката Горда Симиќ. Вели, за жал, дел од луѓето уште не веруваат дека болеста постои. Според неа, карантинот не е решение.
Она што можевме да го забележиме во Аеродром е дека речиси сите носат маски. Физичката дистанца и не се запазува. Податоците покажуваат дека во Општина Аеродром има најмногу новозаболени со Ковид – 19. Потоа следуваат Карпош и Центар.
Во Арачиново и Петровец на пример се регистрирани и помалку од десетина случаи. Според министерот за здравство, ваквиот раст на заболени со коронавирус во некои општини се должи на тоа што вирусот е проширен насекаде, мини кластери се идентификуваат, но тие се толку многу, што нема граници. Дополнителни таргетирани мерки би биле во сферата на движење. И во наредниот период ќе бидат анализирани состојбите.
Надлежните со нови мерки ќе го вклучат црвеното светло сѐ со цел да го намалат бројот на новозаболени со Ковид – 19.
Наташа Јанчиќ- Менковски
