Филипче: Ако не се почитуваат мерките следува полициски час
Расте бројот на починати во земјава, во последниве 24 часа починаа 12 пациенти, има и 161 нов случај заразен со смртоносниот вирус. Комисијата за заразни болести имаше итна средба во Владата. Следната мерка е полициски час, им порача на граѓаните министерот Филипче по денешниот состанок. Тој ги објави новите предложени мерки меѓу кои е и задолжително носење маска на отворено, намалување на јавниот превоз, ограничените групирања и собири дома...

Работа на економските оператори до 23 часот, ограничување на бројот на патниците во јавниот превоз до 50 насто, јавната администрација да организира работа во смени или онлајн од дома – ова се последните мерки што Комисијата за заразни болести ги предлага до Владата за сузбивање на коронавирусот. Ако нема резултат, следен чекор е полициски час, најави министерот Филипче. Мерките ќе бидат доставени во законодавниот дом по скратена постапка.
Градоначалникот на Скопје, Шилегов, ги очекува препораките од Комисијата за заразни болести, па потоа ќе се решава, дали ќе се зголеми бројот на автобусите. Тврди дека, бројот на патниците е драстично намален, но и дека во автобусите не се почитуваат мерките за лична заштита.
Бројот на заболени расте, а болничките капацитети забрзано се полнат. Нема место на инфективните одделенија во Струмица, Куманово, Штип и Прилеп, се полни и болницата во Гостивар. Здравствените власти велат, вирусот е широко распространет, најризични мини- жаришта во моментов се Скопје, Штип и Струмица.
Андријана Атанасовска
