Нова сезона на „Дајте музика“ од 4-ти ноември на МРТ
Серијалот ќе има многу македонска музика, сопствен бенд, битка за тронот „главен во маалото“, детски кавги и помирувања и други разни згоди и незгоди на добропознатите старомаалци. Целта на новите продлженија е преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности – добро однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија – низ призмата на модерната генерација и новите детски идоли.

Од 4-ти ноември на првиот програмски сервис на МРТ ќе почне да се прикажува новата сезона на серијалот за деца „Дајте музика“. Новите 30 епизоди снимени се во копродукција на Македонската радио-телевизија и продукцијата „Рифенштал”. Автор на серијалот е Цаци Паковска, а режисер е Марко Ѓоковиќ.
Во новиот серијал учествуваат четириесетина деца, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска, а голем дел се избрани на јавен повик за млади таленти објавен од продукцијата.
Серијалот ќе има многу македонска музика, сопствен бенд, битка за тронот „главен во маалото“, детски кавги и помирувања и други разни згоди и незгоди на добропознатите старомаалци. Целта на новите продлженија е преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности – добро однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија – низ призмата на модерната генерација и новите детски идоли.
Во новите 30 епизоди ќе има 30 музички спотови од кои 19 се снимени на надворешни локации, интересни теми и гости и многу нови содржини во однос на минатата сезона.
Серијалот се реализираше согласно со препораките од Комисијата за заразни болести и насоките од Aсоцијацијата на европски филмски агенции (ЕФАД).
Предизвикот беше огромен. Од една страна, имавме проект кој за неполна година достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25 илјади претплатници на Јутјуб, прекрасна идеја за нови продолженија, ентузијастички расположен тим и огромна желба да го реализираме проектот. Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија. Наш прв приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме. Мислам дека нашата публика ќе биде задоволна од сработеното, изјави Паковска, продуцент и автор на серијалот.
