Утревечер во Скопје дигитално музичко патување со Фараоните Али и Фила и легендарниот Атма

13.03.2014 18:50

Скопје полека но сигурно го враќа стариот сјај на добрите електронски забави.

Утревечер со почеток во 23 часот, во Младинскиот Културен Центар, на две концептуално одвоени сцени ќе настапат едни од најголемите и најбараните имиња на електронската музичка сцена во моментов: Дуото Али и Фила од Египет и Германецот Андреј Оливер Брасовен, познат како Атма.

Египетските артисти  Али и Фила од крајот на Февруари се тргнати на турнеја која вклучува настапи во девет различни земји (Кина, Чиле, Аргентина, Англија, Северна Ирска, Оман, Македонија, Словачка, Америка). Се работи за диџеи кои во последниве неколку години се на врвот на светската музичка елита, така и според  еминентниот „Диџеј магазин“ две години по ред се рангирани меѓу најдобрите 20 диџеи во светот.

Андреј Оливер Брасовен – Атма е романски композитор, изведувач и продуцент на електронскиот звук. Роден во Романија, а живее во Гермнаија. Важи за еден од пионерите на електронската музика во Источна Европа. Почнува да продуцира електронска музика во 1991 година. Неколку години подоцна неговиот фокус бил насочен кон создавање на транс звукот кој најдобро му легнал. Во светот е познат по својот уникатен стил и настапите во живо, а на електронската музичка сцена е присутен повеќе од две децении. Длабоки мелодии, психоделичен звук, совршена хармонија, тоа е неговата дефиниција за новата транс музика. Покрај неговите проекти како транс артист, Атма работи и како композитор за повеќе комерцијални бендови, а исто така е и познат како филмски продуцент. Има настапувано на повеќе од 500 фестивали низ целиот свет.

Домашна поддршка на ова дигитално доживување ќе дадат диџеите на „Сонце Продукција“.

Моника Јовановска