Политика

Собранието не расправаше за Законот за заштита на населението од заразни болести

20.10.2020 15:07

Законот за заштита на населението од заразни болести не се најде на дневен ред на денешната собраниска седница. Првиот човек на Комисијата за здравство, вели дека ги чекаат владините мерки. Апелира, пратениците да ги поддржат. ВМРО-ДПМНЕ најавува амандманска интервенција. За следниве денови, најавена координација...

Пакетот мерки предложен од Комисијата за заразни болести кои го минаа владиниот филтер, не стасаа на разгледување од пратениците во Собранието. Претседателот на Комисијата, Арбен Зибери појаснува - мерките за носење маски на отворено, ограничување на групирање по 22 часот и ограничување на семејните собири не се доставени од Владата. Тој апелира до пратениците да ги поддржат мерките кога ќе дојдат на дневен ред, а граѓаните да ги почитуваат.

Во Собранието пред разгледување на мерките на пленарна седница најверојатно ќе претходи партиско договарање. ВМРО-ДПМНЕ најавува амандманска интервенција. Координациите ќе се случат следниве денови. Дотогаш, опозицијата останува на своето дека Комисијата е партиско тело и членовите треба да си дадат оставки.

Се очекува мерките за заштита од Ковид-19 во Собранието да се разгледуваат идната недела.

 

Миле Ристески