Заев: Бугарија не бара промена на Уставот, нов договор не е решение за проблемите
„Бугарија не бара промена на Уставот- потпишување нов договор меѓу двете земји, не е решение за проблемите“, вели премиерот Заев. Очекува во наредниот период официјална Софија да ги потврди заложбите дека е најголем поддржувач на земјава на патот кон Европската унија. Според него, ако не се донесе одлука за првата меѓувладина конференција, која и официјално го означува почетокот на преговорите, тогаш треба да се знае дека од нас се бара нешто што не сакаме да го прифатиме...

Бугарија не бара промена на Уставот и решението не е преку потпишување на нов договор. Ние веќе имаме договор и треба да ги решаваме прашањата преку заедничките комисии, изјави премиерот Заев.Тој смета дека договорот е потпишан на македонски јазик и на бугарски јазик, се зборува за двата народа. Нашиот македонски јазик и македонски народ е впишан во ОН и признаен од целиот свет, заради тоа се уште има дилема во наративот од пријателска Бугарија, појасни премиерот. Заев не гледа потреба за лидерска средба за нешто што е работа на комисијата.
Заев најави дека во следниот период ќе продолжат разговорите на заедничката Комисија за историските прашања, со охрабрување да продолжат со засилена динамика.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека на премиерот Заев не може да му се верува на дадениот збор дека Бугарија не понудила нов договор, а со тоа и уставни измени. Според нив, Заев треба да се изјасни за тоа што официјална Софија бара од Македонија во однос на историјата и идентитетот. Затоа според нив Заев избегнува лидерска средба на која ќе се разговара за националните интереси во областа на добрососедските односи со источниот сосед , за економијата, здравствената криза и пописот.
Игор Панов
