Тетово

Отпадните води од „Југохром“ не се прочистуваат

20.10.2020 16:08

Речиси еден месец отпадните води кои се исцедуваат од индустриската депонија во близина до комбинатот Југохром не се прочистуваат и дел од нив завршуваат во реките Вардар и Бистрица. Филтер-станицата не работи поради реконструкција. Еколошките организации бараат итна реакција...

Речиси еден месец отпадните води кои се исцедуваат од индустриската депонија во близина на комбинатот Југохром не се прочистуваат, за на крај дел од нив да завршат во реките Вардар и Бистрица. Филтер станицата за нивно прочистување не работи поради реконструкција. Еколошките организации бараат што поскоро ставање во функција на станицата, но и целосна медијација на земјиштето во атарот на Јегуновце, кое според нив, е канцерогено поради фабриката Југохром, која долг период работела без исполнување на еколошките стандарди.

Отпадните води, дел од нив и канцерогени, најчесто при поголеми поројни дождови завршуваат во реката, доведувајќи го во опасност изворот кој го снабдува Скопје.

Од раководството на Југохром, велат дека нема место за паника. Филтер станицата се реконструира. Кога ќе завршат градежните работи истата ќе биде пуштена во употреба и отпадните води повторно целосно ќе се прочистуваат.

Се работи за отпадни води каде има и елементи на канцерогениот шестовалентен хром, како резултат на работењето на поранешниот погон Бихромат, чиј отпад исто завршувал на индустриската депонија.

Од Еко Герила, велат дека почвата е контаминирана. Филтер станицата според нив, нема да го реши целосно проблемот. Потребна е целосна медијација на земјата во Јегуновце, ако сакаме да го заштитиме изворот Рашче.

Од раководството на Југохром, велат дека контаминацијата се мери и од година во година се намалува. Најавите се дека до декември оваа година треба да заврши реконструкцијата на филтер станицата за отпадните води, кои повеќе од пет децениии се прочисуваат, но во последно време недоволно, поради стариот и дотраен систем.

 

Зоран Димовски